Барди: Сонот ми се оствари, дојде време за нов предизвик!

Македонскиот играч за врска, Енис Барди, утрово пристигна во Валенсија каде треба да го официјализира трансферот во екипата на Леванте. 

Неуморниот работник на терен, веќе ги мина редовните лекарски прегледи и се очекува во текот на денот да стави потпис со шпанскиот клуб кој на сметката на Ујпешт најверојатно ќе уплати 1,5 милиони евра. 

Пред заминувањето за Шпанија, Барди за унгарските медиуми изјави дека е среќен што кариерата ќе ја продолжи во Шпанија, и дека дојде време за нов предизвик. 

„Сонот ми се оствари, дојде време за нов предизвик“, накратко рече Барди.

22-годишниот Македонец на социјалните мрежи веќе се пофали со фотографија од прекрасната Валенсија, а и спортски се поздрави од фановите на сега веќе поранешниот клуб. 

„Сакам да им се заблагодарам на сите, на раководството, навивачите, персоналот, тренерите, играчите, и на сите останати во клубот за трите незаборавни години минати таму. Во овој клуб се афирмирав како фудбалер и тоа никогаш нема да го заборавам. Сега е време за нови предизвици во мојата кариера“, напиша Барди.

Тој минатата сезона одигра значајна улога во тимот на Ујпешт и со 12 гола и 8 асистенции беше еден од најдобрите поединци на унгарскиот клуб.