Барди ги мина лекарските прегледи, Македонија пак ќе има фудбалер во Примера

Македонскиот фудбалски бисер, Енис Барди доцна синоќа пристигна во Валенсија и утрово ги мина лекарските прегледи со новиот шпански прволигаш Леванте. Плејмејкерот на Ујпешт ги договори сите детали со клубот од предградието на Валенсија и по подолго време Македонија ќе има свој претставник во најсилната лига на светот, Примера.

Барди попладнево треба и официјално да стане фудбалер на најуспешната екипа минатата сезона во Сегунда, Леванте и да го има своето официјално претставување. Овој млад фудбалер блесна во унгарскиот шампионат, а потврда на својата зрелост покажа на Европското првенство за фудбалери до 21 година во Полска.

Мирко Петров беше првиот Македонец кој играл во Шпанија, а Благоја Китановски прв кој настапувал во најсилната шпанска лига. Потоа следеа деведесеттите и настапи на Стојковски, Канатларовски, Најдовски, Бобан Бабунски, Станиќ, а до пред две сезони член на Барселона Б беше Давид Бабунски. И натаму во Шпанија за Настик од Тарагона настапува Столе Димитриевски, кој претходно го носеше дресот на Гранада.