Бубања: Ако Победа ангажира адекватни засилувања, напролет ќе може да се надигруваме со секого!

Екипата на Победа со реми на домашен терен против Ренова ја заврши есенската полусезона во ПМФЛ. Прилепскиот прволигаш по 18. одиграни кола во елитата на македонскиот фудбал се пласира на седмата позиција на табелата, место кое гарантира прволигашки статус. 

Сепак, пред прилепчани претстои тежок период, бидејќи во борбата за опстанок ќе се бори со Ренова и Пелистер кои секогаш знаат да бидат незгодни во клучните моменти од првенството. По завршувањето на есенскиот дел, стратегот Бубања, кој во Прилеп пристигна кон средината на овој период, веќе ги прати своите фудбалери на заслужен одмор, а искусниот предводник ја анализираше досегашната работа на тимот, и ги откри амбициите на клубот напролет. 

„Сигурно дека секогаш може повеќе и мораше повеќе. Јас дојдов во 8. коло и неповолно за мене како тренер беше тоа што не ја познавав доволно ниту екипата, ниту лигата. Бев приморан да ги запознавам играчите, нивниот квалитет пред се низ натпреварите и нормално работата на тренинзите, а од друга страна низ самите натпревари ги запознавав и противниците со кои игравме. Сигурно дека некои работи не беа добри, но севкупно на крајот кога се ќе се собере, може да се каже дека планираното го остваривме. Објективно според пласманот и бодовното салдо пореално е во втората полусезона да се бориме за опстанок, отколку за нешто повеќе, иако од друга страна ни Европа не е предалеку.

За Победа напролет да биде подобра мора да доведеме неколку засилувања и да се дефинира играчкиот кадар. Ангажираните играчи како засилувања не се покажаа како такви. Треба да има и заминувања и засилувања. Но, тоа да бидат носители на игра, што не беше случај со новите играчи. Ако се доведат адекватни играчи, Победа ќе може без проблеми со голема самодоверба да отиде и во Тетово со Шкендија и во Скопје со Вардар да игра и се надигрува и да победи и да игра на резултат против сите останати, многу полесно отколку есенва“, вели Бубања . 

Црногорецот најави дека првиот собир по паузата најверојатно ќе се одржи по божиќните празници, а засега не е познато каде ќе се одвиваат зимските подготовки на прилепските фудбалери.