Ангеловски: Палермо заслужува да игра во Серија А, Несторовски ќе биде „клучот“ за кам-бекот

Во интервју за „Џорнале ди Сицилија“, селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, зборуваше за квалитетот на екипата на Палермо и за настапите на двата македонски интернационалци, Александар Трајковски и Илија Несторовски.

„Мислам дека Несторовски има одличен развој и напредок во својата кариера. Тој одигра одлично во Хрватска, но уште подобро откако пристигна во Италија. За него е одлично што имаше можност да постигне многу голови во Серија А, тоа е напаѓач кој добро знае да го искористи просторот во противничкиот шеснаесетник. Од друга страна, Трајковски покажа што знае на пoследните неколку репрезентативни настапи и мислам дека доколку продолжи во исто темпо, Палермо ќе има голема корист“ , рече Ангеловски.

Ангеловски зборуваше и за тимот на Палермо, кој минатата година испадна од Серија А и се пресели еден ранг подолу. Тој верува дека квалитетот не сицилијанската екипа е очигледен и дека Несторовски ќе им донесе кам-бек во италијанската елита.

„Ги следев натпреварите на Палермо, мислам дека играта е одлична и дека тимот е еден од главните кандидати за враќање во Серија А. Имаат одличен „костур“ на екипата, кој секогаш е опасен по противничкиот гол. Верувам во Палермо и играчите дека ќе се вратат онаму каде што припаѓаат бидејќи тие тоа го заслужуваат. Несторовски игра одлично и мислам дека тој ќе биде „клучот“ за успехот оваа сезона“ , се надоврза нашиот селектор. 

Предводникот на нашата репрезентација за крај говореше за односот на Македонија со тимот од Италија и шансите на „азурите“ да се пласираат на Светското првенство (СП) во Русија. 

„Односот со Палермо е одличен, имавме краток состанок со нивните претставници пред натпреварот во Торино против Италија. Му посакувам многу среќа на екипата, која го привлекува нашето внимание, бидејќи таму настапуваат двајца наши фудбалери. Што се однесува на шансите на Италија да се пласира на Мундијалот, мислам дека се и тоа како реални. Верувам дека добрата игра ќе ја покажат и во баражот и дека ќе ја продолжат традицијата“ , изјави Ангеловски.

Нашата репрезентација игра одлично под водство на Игор Ангеловски и оваа година загуби само против Шпанија, што би требало да се одрази на следното рангирање на ФИФА: