Алонсо: Доколку имавме повеќе среќа и ги реализиравме шансите резултатот ќе беше поинаков

Фудбалерите на Челзи се елиминирани од Барселона во осминафиналето на Лигата на шампионите со вкупни 4-1, откако на денешниот возвратен натпревар загубија со убедливи 3-0. Маркос Алонсо по натпреварот изјави дека неговиот тим не беше инфериорен во однос на Барселона, туку дека на крајот пресудила и среќата, која била на страната на каталонскиот гигант.

„Ние знаевме дека имаат врвни играчи. Секој оставен мал простор, тие знаат да го казнат и да постигнат погодок. Не мислам дека бевме инфериорни, туку само имавме помалку среќа. Двапати ја погодивме стативата, тие од првите два удари постигнаа два гола. Во првиот дел можеше да биде и 2-2, но на одмор се замина со 2-0 за Барселона. На ваков стадион и против ваков тим не е лесно да се вратиш. Мислам дека на крајот одигравме сосема солидно и дека треба да се посветиме и да продолжиме со ист ритам на преостанатите натпревари од сезоната“, изјави Алонсо.

Ждрепката за оваа фаза ќе се изврши в петок во седиштето на УЕФА во Нион, кога ќе бидат финализирани и сите учесници во четвртфиналето на Лигата на Европа. Првите натпревари ќе се одиграат на 3 и 4 април, додека реванш средбите се закажани за 10 и 11 април.