Алиоски најверојатно нема да настапи против Рединг, причината истата како пред еден месец

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски одигра солидни два натпревари за нашата фудбалска селекција, во рамките од последните две кола од квалификациите за  Светското првенство во Русија, идната година. 

И против Италија во Торино и против Лихтенштајн во Струмица, Алиоски ги одигра сите 90 минути, па токму поради тоа англиските медиуми, блиску поврзани со Лидс Јунајтед, клубот за кого моментално настапува нашето крило, пишуваат дека Алиоски ќе биде поштеден за следниот меч на поранешниот англиски великан. Лидс, во рамките од 12. коло на Чемпионшип лигата, овој викенд на домашен терен ќе се соочи со Рединг и има вистинска можност да ја прекине црната серија од два порази во низа. 

Ваква одлука на менаџерот Кристијансен можеби е за очекување, ако се земе предвид дека Алиоски не го одигра првиот меч по претходната репрезентативна пауза, кога Македонија го победи Израел (0-1), а ремизираше со Албанија (1-1).