Адеми: Кога влегов во игра не знаев што правам, како да бев пуштен од синџири!

Аријан Адеми по пауза од две години повторно ја вкуси убавината на фудбалската игра, откако ги одигра последните 30 минути на мечот меѓу Македонија и Лихтенштајн, кој заврши со победа на нашите момци од 4-0. 

Токму 26-годишниот играч за врска беше творец на еден гол во оваа убедлива победа на Македонија и тоа го направи на фантастичен начин, откако си поигра со противничките дефанзивци и рутински топката ја смести во голот. За овој одличен гол, како и за враќањето на Адеми на терените, пишуваат повеќе балкански медиуми, а за специјализираната интернет страница за фудбал, „Гол“, нашиот среден играч изјави дека е среќен што повторно е на терен, а кога влегол во игра се  чувствувал како да е пуштен од синџир. 

„Најпрво морам да признам дека Фудбалската федерација на Македонија, селкторот, останатите репрезентативци, па и навивачите ме пречекаа одлично. Да бидам искрен, не очекував дека тоа ќе се случи на првиот натпревар, па за само неколку минути да постигнам гол. Како и секој спортист, сакам да бидам на терен, премногу сакам да ја играм оваа игра. На мечот со Лихтенштај, штом влегов на терен се растрчав на сите страни, како да сум пуштен од синџири. Во почетокот можеби малку се изгубив, но подоцна одиграв онака како што требаше“, истакна Адеми. 

Сега Адеми му се врати на располагање на својот клуб, Динамо Загреб и наскоро се очекува повторно да го облече синиот дрес за кого настапува од 2010 година, а своевремено беше и капитен на тимот.