А Ибрахимовиќ? Челзи и Тотенхем со осум играчи во идеалниот тим на сезоната во Премиер лигата

Здружението на професионални фудбалери на Англија (ПФА), денес ги откри најдобрите фудбалери на своите позиции за оваа сезона во Премиер лигата, а за очекување беше најмногу да има од редовите на Челзи и Тотенхем.  

Идеалниот тим на Премиер лигата за сезоната 2016/2017 е составен од по четири фудбалери на првите две екипи на табелата, додека по еден претставник има од Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Евертон. 

Очекувано голманската позиција му припадна на „ѓаволот“ Давид Де Хеа, дефанзивната линија ја составуваат бековите на „спарси“ Волкер и Роуз и тандемот на Конте, Кејхил и Луиз. Крилните позиции ги пополната Азар и Мане, креаторското место го добија Али и Канте, додека нападот е предводен од Лукаку и Кејн. Повеќе од јасно е дека конкуренцијата е преголема во најскапата фудбалска лига на светот, но дефинитивно најголемо изненадување е изоставувањето на Златан Ибрахимовиќ од овој состав.

Свечената церемонија, која е 44. по ред, на која ќе бидат прогласени најдобрите во Премиер лигата, според изборот на ПФА, ќе се одржи наредната недела.