Среќен роденден ЛЕГЕНДО: Михаел Шумахер денес полни 48 години!

Легендарниот германски возач и седумкратен шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, денес наполни 48 години. Познато е дека некогашниот пилот на Ферари поради несреќата која ја имаше при крајот на 2013 година веќе три години е далеку од јавноста, а неговата здравствена состојба сè уште не е позната. 

Германецот неколку месеци мина во кома, а последните две и пол години заздравува во својот дом во Швајцарија. Неговото семејство веќе долг период од јавноста ги чува деталите за неговата здравствена состојба, па сите досега објавени шпекулации за него може да се окарактеризираат како лажни. 

Шумахер своето деби во Формула 1 го имаше во 1991 година на патеката Спа за Големата награда на Белгија. На истата по само една година стигна до првата победа, последната ја забележа во 2006 во Кина, додека за последен пат на Формула 1 патеките се појави во 2012 година во Бразил.

Во својата богата кариера беше пилот на Џордан, Бенетон, Ферари и Мерцедес. Две титули има со Бенетон, додека пет со Ферари, а на 308 извозени трки оствари 91 победа со 155 подиуми и 68 пол-позиции.