Рос Браун за Шумахер: Тој е еден од клучните луѓе за актуелниот успех на Мерцедес

Михаел Шумахер во Мерцедес

Поранешниот инжењер во екипата на Ферари, Рос Браун смета дека Мерцедес е доминантен во Формула 1 по најголема заслуга на Михаел Шумахер, кој ги помина последните три години од својата кариера во германската екипа.

Нико Розберг и Михаел Шумахер беа двата пилоти во германската екипа, а тогашниот технички директор Рос Браун, кој освои седум титули со Шумахер со Бенетон и Ферари, го пофали влијанието на легендарниот германски возач, кое се чувствува и денес. 

„Михаел има голема заслуга за успехот на организацијата и за доминацијата на Мерцедес во претходните неколку сезони. Тој помагаше во Ферари и истото го направи и во Мерцедес. Тој е голем мотиватор. Најголемата лекција која ја научив од него беше важноста да се направи позитивна атмосфера и добро чувство за работа во екипата. Неговото искуство, неговите разговори со инжењерите за аеродинамиката имаат непроценлива вредност. Тој беше клучниот човек за воспоставувањето на врските, кои и помогнаа на екипата да го забележи успехот во поновата историја од шампионатот“, вели Браун во интервју за „Си-Ен-Ен“.

Шумахер направи пауза од три години и се врати на патеките во 2010. година во екипата на Мерцедес, која се врати во Формула 1 по далечната 1955 година.