Мерцедес новиот болид го претставува на 23 февруари

Раководството на трипати по ред светскиот шампион во конкуренција на конструктори во Формула 1, Мерцедес објави дека новиот болид ќе го претстави на 23 февруари во Силверстоун. Како што пренесуваат британските медиуми, болидот W08 ќе биде претставен на британската патека четири дена пред официјалниот почеток на тестовите во Барселона.

Од тимот на Мерцедес сè уште немаат соопштено, кој ќе биде замената за Нико Розберг во новата сезона, кој ја заврши кариерата само пет дена по освојувањето на титулата. Според медиумите најсериозен кандидат е Валтери Ботас од Вилијамс, но конечен договор сè уште не е постигнат.

Од тимот на Вилијамс се подготвени да го пуштат Ботас во Мерцедес, но само под услов ако успеат да ангажираат некој искусен возач. Според „Скај Спорт“ Филипе Маса наводно постигнал договор со челниците на Вилијамс да се врати во Ф1, но сè уште нема финален договор.